Иранските хакерски активности насочени кон водоводната инфраструктура во САД сериозно се засилиле и отвораат нова безбедносна закана што експертите веќе ја опишуваат како „тивка војна“. Според анализата на „Вашингтон пост“, само во рок од еден месец биле регистрирани повеќе од 1.900 обиди за кибер-напади врз американски водоводни системи.
Американската агенција за кибер-безбедност и безбедност на инфраструктурата, CISA, го посочува Иран како главен извор на овие активности. Иако најголемиот дел од нападите не успеале, предупредувањата од експертите се сериозни, бидејќи многу системи и натаму се слабо заштитени и ранливи на надворешни упади.
Според познавачите на сајбер-безбедноста, дел од водоводните капацитети во САД немаат ни основни заштитни мерки, што ги прави лесна цел за ваков тип напади. Особено загрижува фактот што станува збор за критична инфраструктура од која директно зависи снабдувањето со вода на населението.
Дополнителна тежина на целата ситуација ѝ дава и поширокиот контекст на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи претходно ги обвини САД за напад врз постројка за десалинизација во Иран, по што, според дел од извештаите, следувале и одмазднички удари врз водна инфраструктура во регионот.
Во САД постојат околу 150.000 водоводни системи, а голем дел од нив се мали и со ограничени финансиски ресурси за сериозна сајбер-заштита. Токму затоа, и покрај тоа што засега нема катастрофални последици, предупредувањата се јасни – следниот удар може да биде многу посериозен.










