Вистинска драма се одвивала на лет од Палма де Мајорка кон Копенхаген, кога авион „Боинг 737-800“ со 171 лице принудно извршил итно спуштање и слетал во Хамбург поради проблем со притисокот во кабината.
Инцидентот се случил на 2 јули на летот D8-5610 на компанијата Norwegian Air Sweden. Во авионот се наоѓале 165 патници и шест членови на екипажот.
Според компанијата, за време на летот дошло до проблем со притисокот во кабината, по што екипажот ја активирал стандардната процедура за итно спуштање од околу 11.600 метри на безбедна височина од приближно 3.050 метри, а авионот бил пренасочен кон аеродромот во Хамбург.
Четворица патници и еден член на кабинскиот екипаж добиле крварење од носот, најверојатно како последица на наглата промена на притисокот. По слетувањето биле прегледани од медицински екипи, а дел од патниците биле пренесени во болница за дополнителни прегледи.
Некои патници ги опишале моментите како исклучително стресни.
„Одеднаш имав чувство дека во кабината повеќе нема воздух. Шишето со вода се деформираше, почувствував силен притисок во ушите, а потоа ми потече крв од носот. Луѓето врескаа додека авионот нагло губеше висина“, раскажала една патничка за шведските медиуми.
По безбедното слетување во Хамбург, компанијата обезбедила заменски авион, со кој патниците пристигнале во Копенхаген со околу осум и пол часа задоцнување.
Од Norwegian соопштија дека авионот бил подложен на технички проверки и подоцна повторно бил вратен во редовен сообраќај, додека причината за проблемот со притисокот ќе биде утврдена по завршувањето на истрагата.







