Грција подготвува нов план за справување со ширењето на отровната морска риба Lagocephalus sceleratus, која претставува сериозна закана за морскиот екосистем и им предизвикува големи штети на рибарите. Министерството за земјоделство и храна веќе доставило предлог до Европската комисија, а меѓу мерките што се разгледуваат е и воведување финансиска награда за рибарите кои ќе ја ловат оваа риба.
Според генералниот секретар на Министерството, Спирос Протопсалтис, нема причина за паника кај туристите и капачите. Во Грција досега е регистриран само еден случај на каснување, и тоа во 2022 година на островот Крит, додека тврдењата дека рибата често напаѓа луѓе ги оцени како неточни.
Овој инвазивен вид првпат бил забележан во грчките води во 2005 година кај Родос и Крит, а во Медитеранот пристигнал преку Суецкиот Канал од Црвеното Море. Поради зголемувањето на температурата на морето, рибата сè побрзо се шири и претставува сè поголем проблем.
Најголемите последици ги трпат рибарите, бидејќи со своите силни заби рибата ги уништува мрежите, јадиците и другата рибарска опрема. Покрај тоа, станува збор за агресивен месојаден вид кој се храни со риби, ракчиња, октоподи и други морски организми, нарушувајќи ја природната рамнотежа во морето.
Грчките власти го разгледуваат моделот што веќе неколку години успешно се применува на Кипар, каде рибарите добиваат паричен надомест за секој килограм уловена риба. Сепак, според грчките рибари, висината на надоместокот треба да биде поголема за мерката да биде доволно мотивирачка.
Од Министерството уште еднаш предупредуваат дека оваа риба во никој случај не смее да се консумира, бидејќи содржи опасни токсини, а нејзиното отстранување и уништување се врши според строги европски правила за токсичен отпад.







