По неочекуваната пауза во испораките на оружје за Украина, претседателот на САД Доналд Трамп објави драстична промена на ставот: Вашингтон повторно ќе ѝ испрати дополнително одбранбено оружје на Украина, откако рускиот притисок ескалира, а дипломатските обиди не дадоа резултати.
„Ќе испратиме повеќе оружје. Мораме. Украина мора да се брани“, изјави Трамп пред новинарите непосредно пред вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој потенцираше дека нападите врз Украина се интензивираат и дека САД немаат избор освен повторно да делуваат, главно со одбранбени средства.
Оваа изјава следува откако минатата недела администрацијата на Трамп ненадејно ги стопираше дел од испораките – вклучувајќи ракети за воздушна одбрана – како дел од прегледот на трошоците и воената помош за странски држави, одобрен од министерот за одбрана Пит Хегсет. Тогаш, Белата куќа тврдеше дека сè е во интерес на стратегијата „Америка на прво место“.
Русија веднаш го поздрави прекинот, тврдејќи – без докази – дека САД повеќе немаат доволно ресурси за да продолжат со поддршката. Но сега, Трамп ги замолкна сите сомнежи.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, вчера изјави дека по лично наредување на Трамп, ќе се испрати нов пакет оружје, во рамки на целта Украина да може да се брани сè додека не се обезбеди траен мир. Притоа, повторно беше истакнато дека одбранбените приоритети и залихите се внимателно следени.
САД, инаку, остануваат најголемиот донатор на воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Меѓу највредните испораки досега се системите за воздушна одбрана, дронови, противтенковско оружје, ракетни лансери и тенкови – сето тоа предмет на интензивна анализа во последниот период, откако Пентагон најави пренасочување на дел од фокусот кон Кина и Пацификот.
Трамп, кој претходно во март ја прекина целата помош по жестока расправија со украинскиот претседател Володимир Зеленски, сега направи целосен пресврт. Минатата недела одржа одделни телефонски разговори со Владимир Путин и со Зеленски – разговорот со Путин го опиша како „разочарувачки“, додека оној со Зеленски како „најпродуктивен досега“.
„Не сум задоволен од Путин. Воопшто“, изјави Трамп отворено, сигнализирајќи дека Москва нема подготвеност за компромис и дека прекинот на огнот е сè подалеку.
Во меѓувреме, Украина продолжува да бара засилување на воздушната одбрана, особено по историскиот напад со дронови во петокот, кога Русија лансираше рекорден број беспилотни летала само неколку часа по разговорот на Путин со Трамп.
Зеленски, пак, во саботата изјави дека добил ветување од Трамп за разгледување на испорака на нови системи „Патриот“. Тој рече дека тоа бил најдобриот контакт што го имале досега и дека конечно гледа конкретен напредок.
Иако дел од советниците во Белата куќа сметаат дека фокусот треба да се пренасочи кон Азија, новата ескалација во Украина и непопустливиот став на Москва го натераа Трамп да направи компромис со сопствената стратегија.
Сега, вниманието се насочува кон тоа дали новата воена помош ќе биде доволна за да се стабилизира украинската одбрана и дали Трамп навистина ќе успее да го направи она што го вети – да стави крај на војната, но под негови услови.