Килијан Мбапе направи неочекуван потег и се откажа од судската постапка против неговиот поранешен клуб ПСЖ, во која бараше дури 55 милиони евра поради морално вознемирување и уцена. Одлуката доаѓа буквално само неколку часа пред неговиот натпревар против ПСЖ на Светското клупско првенство – што дополнително ја вжешти атмосферата.
Но, како што пренесува францускиот весник „Л’Екип“, приказната не завршува тука. Иако Мбапе ја повлекол кривичната тужба, тој продолжува со жалбата пред работниот суд, каде бара пресуда во негова корист во однос на неисплатените бонуси и плати. Станува збор за деликатен правен конфликт кој трае уште од лани, кога Мбапе тврдеше дека со клубот постигнал „џентлменски договор“ да го напушти ПСЖ без компензација – нешто што управата во Париз го сметала за неважечко.
Правната сага достигна кулминација минатиот месец, кога Мбапе и неговите адвокати успеаја да иницираат постапка за замрзнување на банкарските сметки на ПСЖ, но судот за извршување казни го одби тоа барање. Судот сметал дека не е надлежен за таква санкција, оставајќи го случајот да се развива пред други институции.
Она што дополнително ги комплицира односите е што паралелно се водат неколку други постапки поврзани со истата финансиска пресметка, а и покрај честите одлуки на спортските органи во Франција кои варираат од случај до случај, ниту една страна досега не добила јасна победа.
Сепак, со последната одлука на Мбапе да ја повлече најконтроверзната тужба, тензиите очигледно малку се спуштаат. Иако долгот сè уште стои, а другите случаи се активни, овој чекор може да значи дека двете страни се движат кон некакво тивко примирје по бурното разделување. А дали тоа е само тактички потег на Мбапе или вистинска намера да затвори едно поглавје – останува да видиме.