Иако ПСЖ го совлада Баерн Минхен во четвртфиналето на Светското клупско првенство, натпреварот ќе остане запаметен по тешката повреда на Џамал Мусијала. По интервенцијата на Донарума и судирот со младата ѕвезда на „баварците“, следуваа тешки моменти на теренот, а напнатоста не запре ниту по последниот судиски свиреж.
Според поранешниот фудбалер на Баерн, Рафиња, играчите од германскиот тим биле вистински шокирани и побарале објаснување од Донарума. Тие влегле во соблекувалната на ПСЖ и инсистирале дека италијанскиот голман мора да се извини за повредата, иако, како што самиот Рафиња истакна, повредата не била намерна.
„Играчите на Баерн не се лоши губитници, ги познавам добро. Беа многу лути бидејќи сакаа Донарума да се извини поради сериозноста на повредата. По мечот имаше жустри разговори во соблекувалната на ПСЖ, каде што Баерн влезе барајќи морална одговорност од Донарума, кој тоа не го направи,“ рече Рафиња.
Овој инцидент ја продлабочи тензијата помеѓу двата клуба и покажа колку силни емоции предизвика драматичната сцена на теренот.