Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека западните земји отворено се подготвуваат за војна со Русија и порача дека Москва е подготвена брзо и соодветно да одговори на сите надворешни и внатрешни закани.
Говорејќи пред дипломирани студенти на воени универзитети, Путин оцени дека земјите од НАТО и Европската Унија ја користат, како што рече, „руската закана“ како оправдување за зголемување на воените буџети и засилување на вооружувањето.
Тој се осврна и на војната во Украина, пофалувајќи ги руските вооружени сили и наведувајќи дека тие успешно ги извршуваат своите задачи. Истовремено ги отфрли тврдењата дека постојат услови за директни мировни преговори, обвинувајќи ја Украина за напади врз цивилна инфраструктура и за создавање дополнителни тензии.
Путин истакна дека меѓународната ситуација останува нестабилна, посочувајќи ги конфликтите на Блискиот Исток и растечките безбедносни ризици во повеќе региони во светот.
Во обраќањето најави продолжување на модернизацијата на руската армија, вклучително и на нуклеарните сили, копнената војска, воздухопловството и морнарицата. Според него, од почетокот на војната во Украина значително се унапредени бројни видови оружје, а во текот на минатата година биле тестирани повеќе од илјада системи и парчиња воена опрема во реални борбени услови.
На крајот од говорот, рускиот претседател порача дека Русија самостојно ќе ги брани своите национални интереси, нагласувајќи дека „никој освен нас не се грижи за интересите на нашата земја“.










