Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри предупредувања до своите поддржувачи во пресрет на среднорочните избори во САД, оценувајќи дека евентуален пораз на републиканците би имал сериозни последици за земјата.
„Ако изгубиме, ќе ја изгубите границата. Ќе ги изгубите даночните намалувања. Ќе ја изгубите безбедноста. Ќе го изгубите богатството. Нашата земја ќе помине низ пекол. Ќе поминете низ пекол, исто како пред две години“, порача Трамп во својот говор.
Тој ги повика гласачите на претстојните избори да се однесуваат како неговото име лично да се наоѓа на гласачкото ливче.
„Преправајте се дека сум на гласачкото ливче. Јас сум на гласачкото ливче. Само овој пат“, повтори Трамп пред присутните.
Американскиот претседател најави и силно лично вклучување во кампањата. Според него, во САД има околу 35 неизвесни изборни трки за Сенатот и Претставничкиот дом, а тој планира да ги посети државите во кои републиканските кандидати се соочуваат со тесна борба.
„Можеме да победиме во секоја од тие трки“, рече Трамп.
Во говорот тој повторно ги истакна имиграцијата и безбедноста на границата со Мексико како едни од главните теми на својата политика. Истовремено, тврдеше дека САД денес имаат значително подобра меѓународна позиција отколку пред неговото враќање во Белата куќа.
Трамп остро ги нападна и демократите, обвинувајќи ги дека промовираат „крајно левичарска агенда“, а изборите ги претстави како многу повеќе од обична борба за контрола врз Конгресот.
„Ќе го победиме комунизмот во Америка и ќе гласаме за американска слобода“, порача тој.
Во дел од говорот се осврна и на републиканскиот кандидат Кен Пакстон, при што на шеговит начин го коментираше неговиот стил на облекување и говор, но потоа го пофали како еден од најдобрите државни обвинители во САД.
Трамп порача дека републиканците мора да го прекинат традиционалниот модел според кој партијата на актуелниот претседател често губи поддршка на среднорочните избори. Според него, исходот во ноември ќе биде клучен за продолжување на политиките на неговата администрација.










