ПРВ.мк
Свет

Шок од Брисел: Руте ја прозва Словенија за одбранбените трошоци

Шок од Брисел: Руте ја прозва Словенија за одбранбените трошоци

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, упатил критики кон Словенија во врска со начинот на кој земјата ги прикажува своите издвојувања за одбрана, обвинувајќи дека дел од податоците не соодветствуваат со заедничките критериуми на Алијансата.

Во писмо испратено до техничкиот премиер Роберт Голоб на почетокот на мај, Руте предупредил дека недоволните и неточно прикажани одбранбени трошоци можат да ја ослабат колективната безбедност, особено во период на зголемени геополитички тензии.

Според податоците што Словенија ги доставила до НАТО, земјата во 2025 година планира да издвојува нешто над два проценти од БДП за одбрана. Сепак, според проценките на Алијансата, реалниот износ што се вклопува во дефиницијата за одбранбени трошоци е значително помал.

НАТО проценува дека вистинското ниво на издвојување е околу 1,6 проценти од БДП, што значи дека постои разлика од неколку стотици милиони евра во однос на прикажаните бројки.

Од кабинетот на словенечкиот премиер потврдиле дека писмото е примено и нагласиле дека владата ги зголемила инвестициите во одбраната и безбедноста, тврдејќи дека првпат се достигнува договорениот праг од два проценти.

Во одговорот, Љубљана посочува дека дел од инвестициите поврзани со сајбер-безбедност, инфраструктура и енергетска стабилност исто така придонесуваат за националната безбедност, иако не секогаш се вбројуваат во тесната дефиниција за одбранбени расходи.

Во меѓувреме, Словенија најавува постепено зголемување на издвојувањата за одбрана во следните години, во согласност со долгорочните планови на НАТО.