ПРВ.мк
Македонија

НОВ БРАН ТЕЛЕФОНСКИ ИЗМАМИ ВО МАКЕДОНИЈА: Не наседнувајте!

НОВ БРАН ТЕЛЕФОНСКИ ИЗМАМИ ВО МАКЕДОНИЈА: Не наседнувајте!

Во изминатиот период во Штип е забележан зголемен број пријави за измами и обиди за измами преку телефонски повици. Од Секторот за внатрешни работи Штип предупредуваат дека непознати лица користат загрижувачки приказни за да извлечат поголеми суми пари од граѓаните, особено од повозрасните лица.

Според информациите од полицијата, измамниците најчесто се јавуваат од странски телефонски броеви и на повозрасните им соопштуваат дека нивни блиски, роднини или внуци наводно се повредени и дека им е потребна итна операција.

Потоа бараат да им бидат исплатени поголеми парични износи за наводното лекување, при што со лажните информации ги доведуваат граѓаните во заблуда. Загрижените лица, верувајќи дека навистина станува збор за итен случај во семејството, ги предаваат парите од сопствените заштеди, со што претрпуваат финансиска штета.

Од СВР Штип апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски повици. Доколку добијат сличен повик, веднаш да го пријават случајот на бесплатниот телефонски број 112, за да може надлежните служби да преземат соодветни мерки и да работат на откривање на сторителите.