Меланија Трамп изјави дека имала убаво детство додека растела во тогашна Југославија, нагласувајќи дека нејзиното семејство не чувствувало дека нешто му недостига.
Во интервју за „Fox & Friends“, американската прва дама се осврна на своето растење во тогашниот комунистички систем.
„Пораснав во комунизам и, всушност, ништо не ми недостигаше. Имав многу убаво детство, а моите родители му овозможија убав живот на нашето семејство“, изјави Меланија Трамп. Нејзината изјава е пренесена и од други американски медиуми.
Сепак, таа посочи дека животот во тогашниот систем подразбирал и одредени ограничувања. Според неа, луѓето морале да внимаваат на своето однесување и на она што го прават, а степенот на слобода не бил ист како во САД.
Меланија Трамп е родена во Ново Место во 1970 година, а детството го поминала во Севница, во тогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Подоцна ја продолжила својата манекенска кариера во странство, а во 1990-тите се преселила во Соединетите Американски Држави.
Американско државјанство добила во 2006 година.








