Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека никогаш не побарал дозвола од американскиот претседател Доналд Трамп пред израелската воена операција против Иран, туку само го информирал за планот.
Во изјава пренесена од „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху рече дека пред почетокот на операцијата му порачал на Трамп: „Одиме во Иран, бидејќи нема да седам и да чекам нашите непријатели да нè уништат.“
„Не побарав дозвола. Едноставно го информирав за нашиот план. Ми беше мило што на крајот се приклучи во завршувањето на оваа многу важна акција“, изјави Нетанјаху.
Неговите коментари доаѓаат во период на тензии меѓу Израел и САД околу обидите на администрацијата на Трамп да постигне нов договор со Иран, како и поради загриженоста во Израел за можните ограничувања на неговата воена слобода на дејствување.
Во своето обраќање, Нетанјаху ја бранеше израелската безбедносна политика, истакнувајќи дека земјата ќе продолжи со превентивни дејствија против заканите.
„Ако некој дојде да те убие, стани рано и убиј го прв“, рече тој, додавајќи дека Израел ја сменил својата безбедносна доктрина со преземање иницијатива и превентивни напади, наместо чекање на напад од противникот.









