ПРВ.мк
Свет

Тешка железничка несреќа: Воз излета од шините, најмалку 44 повредени

Тешка железничка несреќа: Воз излета од шините, најмалку 44 повредени

Најмалку 44 лица се повредени во тешка железничка несреќа во северозападниот дел на Франција, откако регионален патнички воз излетал од шините на линијата меѓу Руан и Кан.

Во возот во моментот на несреќата имало околу 180 патници. Според информациите од француските медиуми, композицијата удрила во засега неидентификуван предмет што се наоѓал на пругата, по што следувало излетување од колосекот.

Од силината на несреќата еден од вагоните се превртел, додека уште четири вагони излетале од шините.

Првичните информации на францускиот министер за транспорт Филип Табаро говореле за дваесетина повредени, но локалните власти подоцна соопштиле дека бројката се зголемила на најмалку 44. Една жена се здобила со потешки повреди.

Несреќата се случила околу 19:30 часот по локално време. На местото веднаш биле испратени голем број пожарникари, медицински екипи, спасувачи и полиција.

Француските власти започнале истрага која треба да утврди што точно се наоѓало на пругата и дали токму судирот со предметот бил непосредната причина за излетувањето на возот.