Моначките власти ја идентификувале 39-годишната Украинка Анастасија Березовска како главна осомничена во истрагата за бомбашкиот напад со пакет што се случи во Монако, при што тешко беа повредени бизнисменот Вадим Јермолаев, неговата партнерка и нивниот 13-годишен син. За осомничената е распишана црвена потерница од Интерпол.
Според обвинителството, против неа се води истрага за обид за убиство, поставување експлозивна направа и учество во криминално здружување. Истражителите сметаат дека таа најверојатно не дејствувала сама.
Според досегашните сознанија, непосредно пред нападот таа оставила сомнителен пакет во влезот на станбената зграда, по што следувала силна експлозија во моментот кога семејството влегувало во објектот. Безбедносните камери, наводно, ја снимиле осомничената, а по нападот таа пеш го напуштила местото и со изнајмен автомобил заминала преку Италија кон Германија.
Истрагата покажува дека неколку дена претходно ја набљудувала зградата и ги следела движењата на жртвите. Германската полиција извршила претрес во стан што го користела и го запленила возилото, но жената не била пронајдена и сè уште е во бегство.
Во експлозијата двајцата возрасни се здобиле со тешки повреди, додека нивниот 13-годишен син поминал со полесни повреди. Според информациите на француската агенција АФП, бизнисменот повеќе не е во животна опасност, додека состојбата на неговата партнерка останува сериозна.
Иако властите официјално не го потврдија идентитетот на жртвите, повеќе медиуми објавија дека цел на нападот бил Вадим Јермолаев, бизнисмен со значителни деловни интереси и поранешен украински државјанин. Овие информации се темелат на тековната истрага, а мотивот за нападот сè уште не е официјално соопштен.








