Фудбалот наскоро ќе добие ново правило кое директно ќе влијае врз начинот на кој судиите ќе постапуваат кога некој играч ќе остане на теренот поради повреда.
УЕФА испрати циркуларен допис до своите членки, меѓу кои е и Македонија, со нови инструкции за судиите. Правилото треба да се применува и во домашните натпревари организирани од националните фудбалски федерации.
Главната промена се однесува на ситуациите во кои повреден фудбалер останува на теренот, а според новите насоки, во одредени случаи тој ќе мора да излезе надвор и да помине најмалку 60 секунди надвор од играта.
Целта на новото правило е да се избегнат непотребни прекини и да се намалат можностите за намерно користење на повредите за забавување или прекинување на натпреварот.
Кога судијата ќе го прекине натпреварот?
Доколку повредата на играчот влијае врз текот на играта, судијата има право да го прекине натпреварот и пред некој од играчите да ја исфрли топката надвор од теренот.
Во таков случај, повредениот фудбалер ќе мора да го напушти теренот и да остане надвор од играта најмалку една минута.
Откако ќе истече паузата, играчот ќе може повторно да се врати во игра согласно процедурата што ја следат судиите.
Што ако соиграчот ја исфрли топката?
Поинаку ќе се постапува доколку соиграч на повредениот фудбалер ја исфрли топката во аут или гол-аут.
Ако на теренот има играч кој се жали на повреда, играта ќе биде прекината, а фудбалерот ќе мора да излезе од теренот.
И во оваа ситуација тој ќе мора да помине 60 секунди надвор од играта пред да добие дозвола да се врати.
Но, има важен исклучок
Новото правило предвидува и ситуација во која противничкиот тим ја исфрла топката во аут.
Ако повредениот играч во тој момент стане и покаже дека може да продолжи, судијата ќе може да процени дека нема потреба да го испраќа надвор од теренот.
Причината е да се спречи можноста противничкиот тим намерно да ја исфрла топката надвор само за да предизвика задолжителна едноминутна пауза за повредениот фудбалер.
Сепак, доколку судијата процени дека играчот намерно паднал или симулирал повреда со цел да предизвика прекин, може да донесе одлука тој сепак да го напушти теренот.
Во таков случај и понатаму ќе важи правилото за едноминутно задржување надвор од играта.
Четвртиот судија ќе го мери времето
За следењето на задолжителната пауза ќе бидат задолжени четвртите судии.
Тие ќе ги мерат 60-те секунди и ќе бидат во комуникација со главниот судија. Откако ќе истече потребното време, четвртиот судија ќе даде сигнал дека фудбалерот може повторно да се врати на теренот.
Новата процедура може значително да го промени начинот на кој ќе се реагира при повреди за време на натпреварите, особено во ситуации кога постои сомнеж дека прекинот би можел да се користи за тактички цели.
Правилото ќе биде важно и за македонскиот фудбал, бидејќи насоките на УЕФА се однесуваат и на натпреварите под организација на националните федерации.








