ПРВ.мк
Спорт

Шок во светот на фудбалот: 27-годишен капитен почина по брутален напад

Шок во светот на фудбалот: 27-годишен капитен почина по брутален напад

Угандскиот фудбал остана без еден од своите најпознати играчи, откако 27-годишниот Дејвид Оуори почина од повредите здобиени во брутален напад во главниот град Кампала.

Според информациите од полицијата, фудбалерот бил нападнат во близина на својот дом кога се обидел да им се спротивстави на лица кои сакале да му ги одземат мобилниот телефон и личните работи. Сведоци тврдат дека напаѓачите го удирале со бекатон-плочи, по што избегале од местото.

Оуори бил итно пренесен во болница, но лекарите не успеале да му го спасат животот. Неговиот клуб Вила се прости од својот капитен, опишувајќи го како лидер, пријател и човек кој оставил голема трага во тимот.

Фудбалерот во 2023 година се врати во Вила по настапите во Шпанија и Шведска и му помогна на клубот да ја освои првата шампионска титула по две децении. Беше и поранешен младински репрезентативец на Уганда.

Полицијата отвори истрага и трага по сторителите, додека трагичниот случај повторно ја отвори дебатата за растечкото улично насилство и криминал во Кампала.