Реал Мадрид конечно ја прекина серијата од пет натпревари без победа против Барселона и славеше со 2-1 на „Сантијаго Бернабеу“ во дербито на десеттото коло од Примера. „Кралевите“ покажаа поголема желба и дисциплина, а триумфот ги врати на врвот на табелата со пет бода предност пред Каталонците.
Дербито започна жестоко уште во првите минути. Судијата Цезар Сото Градо досуди пенал за Реал по старт над Винициус, но по преглед на ВАР одлуката беше поништена. Мбапе веднаш се закани со гол, но првиот удар му беше поништен поради минимален офсајд. Во 22. минута Французинот конечно ја распали публиката – по маестрална асистенција на Белингем, ја затресе мрежата за 1-0.
Барселона се врати преку Фермин Лопез во 38. минута по асистенција од Рашфорд, но радоста траеше кратко. Само неколку минути подоцна Белингем реагираше најдобро по мешаница во шеснаесетникот и повторно ја врати предноста на Реал – 2-1.
Во второто полувреме нова ВАР-драма: судијата по долго гледање на снимката досуди пенал за Реал по игра со рака на Ерик Гарсија, но Шчесни го прочита Мбапе и го одбрани ударот.
И покрај тоа, Барселона не успеа да создаде вистински притисок до крајот. Родриго имаше две големи шанси за Реал, но резултатот остана непроменет.
Со овој триумф „кралскиот клуб“ ја врати контролата во „Ел Класико“, а Мбапе и Белингем уште еднаш потврдија дека се новото страшно дуо на Реал.















