Министрите за внатрешни работи и правда на Словенија, Боштјан Поклукар и Андреја Катич, поднесоа оставки по трагичниот настан во Ново Место, каде што 21-годишен припадник на ромската заедница претепа до смрт маж пред еден ресторан. Премиерот Роберт Голоб ги прифати оставките, додека главниот раководител на полицијата, Дамјан Петрич, засега останува на функцијата.
Локалното население изразува зголемена загриженост за безбедноста, откако случајот се смета за показател на пораст на криминалната активност кај дел од ромската заедница.
Инцидентот се случил во ноќта од петокот кон саботата (24-25 октомври), кога маж бил претепан пред ресторан во Ново Место и подоцна починал од повредите. Според неофицијални информации, настаните започнале откако 21-годишниот напаѓач го повикал татка си од клубот „ЛокалПатриот“, тврдејќи дека му се заканува група луѓе. Таткото, познат угостител, пристигнал веднаш, но бил нападнат од група мажи од ромската заедница.
Полицијата брзо идентификувала и уапсила 21-годишниот осомничен, а истрагата продолжува. Премиерот Голоб на социјалните мрежи истакна дека чувствува должност да ја обезбеди безбедноста на сите граѓани и изрази сочувство до семејството на починатиот.
Претседателката Наташа Пирц-Мусар побара вонредна седница на Народното собрание за да се разгледа безбедносната состојба во југоисточна Словенија и нагласи дека нападот е неприфатлив и дека законот мора да важи еднакво за сите.
На социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео од убиството на Алеш Шутар (48), кое ги потресе граѓаните и ги поттикна овие остри политички реакции.















