ПРВ.мк
Балкан

НЕВИДЕН ШОК ВО СЛОВЕНИЈА: Маж претепан до смрт пред локал предизвика оставки на двајца министри

НЕВИДЕН ШОК ВО СЛОВЕНИЈА: Маж претепан до смрт пред локал предизвика оставки на двајца министри

Словенечката јавност е длабоко потресена по трагичниот настан во Ново Место, каде што во петокот вечерта 48-годишен маж бил брутално претепан пред угостителски објект на улицата Розманова. Жртвата дошла да го земе својот син, кој претходно ја повикал полицијата поради закани од група млади лица. Полицијата уапсила 21-годишен осомничен од општината Шентјернеј, а според изјавата на Матјаж Штерн од криминалистичката полиција, „поводот бил неколку изговорени зборови“. Против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава за тешки телесни повреди со смртна последица, дело за кое е предвидена казна од 5 до 15 години затвор, пренесува „Индекс“.

Директорот на Полициската управа Ново Место, Игор Јуршич, изразил сочувство до семејството и најавил засилено полициско присуство во наредните денови. „Не очекуваме ескалација, но сме подготвени на сите сценарија“, изјавил Јуршич.

Оставки на двајца министри и кризен состанок

Премиерот Роберт Голоб свикал итен состанок на државниот врв, по кој министерката за правда Андреја Катиќ и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар поднеле оставки. Тие навеле дека заминуваат поради објективна одговорност и желба да придонесат за смирување на напнатата ситуација.

„Секое насилство е неприфатливо. Преземам одговорност и поднесувам оставка“, изјавил Поклукар, додека Катиќ додала: „Секој мора да размисли за својата одговорност – јас тоа го направив“.

Голоб: Луѓето имаат право на безбедност

Премиерот Голоб изразил сочувство до семејството на жртвата и најавил нов пакет законски мерки за подобрување на безбедноста во земјата. „Луѓето имаат право на сигурност, а тоа право вчера не беше исполнето. Виновникот ќе одговара, но не смееме болката да ја претвориме во омраза или одмазда“, изјавил Голоб, одбивајќи ги повиците на опозицијата за негова оставка.

Остра реакција на опозицијата

Опозициските партии ја обвинија владата за неефикасност. Од СДС порачаа дека премиерот Голоб и неговата коалиција „индиректно ја имаат оваа смрт на совест“, барајќи оставка на целата влада. Сличен став изразија и НСи, како и лидерот на Демократите, Анже Логар, кој изјавил дека министерот за внатрешни работи „повеќе нема легитимитет“.

Повик за смиреност и осуда на насилството

Советот за национална безбедност предложил засилено полициско присуство во Ново Место. Државниот секретар Војко Волк истакнал дека „кога некој ќе изврши кривично дело, тоа е криминалец – без разлика дали е Ром или Словенец“.

Претседателката на државата, Наташа Пирц Мусар, свикала итна седница на парламентот и апелирала трагедијата да не се користи за политички поени: „Ни треба трезвена и одговорна расправа“, рекла таа.

Реагирале и ромските здруженија – Јожек Хорват Муч, претседател на Советот на ромската заедница, го осудил убиството и повикал на соживот, додека Дарко Рудаш од Форумот на ромските советници нагласил дека „насилството нема националност“ и побарал поголема полициска видливост за сигурност на сите граѓани.

Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape
DIK