Министерството за спорт официјално соопшти дека министерот Борко Ристовски го именува проф. д-р Лука Поповски за советник во својот кабинет – чекор кој се оценува како значајно кадровско зајакнување во насока на подигање на спортските политики и нивно стратешко планирање.
Професор д-р Поповски е еден од најистакнатите кадри од областа на спортското образование, кинезиологијата и педагогијата. Како вонреден професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, тој со години предава предмети поврзани со педагогија, спортски развој и олимписки вредности, оставајќи силен печат во академската заедница и во едукацијата на младите спортски кадри.
Неговото професионално искуство е длабоко вкоренето и во локалната самоуправа, особено преку работата во Општина Ѓорче Петров, каде што долги години беше советник за спорт. Во рамки на оваа функција, Поповски активно ја следеше состојбата со спортот, образованието и младинските политики, предлагајќи решенија, подготвувајќи програми, иницијативи и прописи, и учествувајќи во низа проекти од значење за локалната заедница. Неговата работа опфаќаше и следење меѓународни практики и нивно адаптирање на домашниот спортски систем.
Тој е потпишан како автор на бројни научни трудови во областа на кинезиологијата, спортското образование и педагогијата. Зад себе има богата академска биографија: магистратура по кинезиологија, докторска дисертација од областа на спортската активност кај младите, како и второ докторирање во полето педагогија, на тема посветена на современи дидактичко-методски модели во физичкото и здравствено образование.
Со неговото именување, Министерството за спорт добива професионалец кој ќе биде директно вклучен во креирањето на национални политики, развој на програми, следење на реформите и унапредување на спортскиот систем. Министерот Ристовски очекува неговиот ангажман да донесе дополнителна стручност, стабилност и визија во реализација на приоритетите на ресорот спорт.
Имплементацијата на нови политики, стратешко планирање и јакнење на спортот на национално ниво добива силен партнер во ликот на проф. д-р Лука Поповски – кадар кој веќе оставил значаен белег во спортската и академската сфера во Македонија.

















