На грчкиот остров Закинтос е уапсена 63-годишна жена, осомничена дека убила мачка која имала сопственик. За случајот ѝ е изречена административна казна од 30.000 евра.
Според грчки „Катимерини“, случајот бил пријавен од сопственичката на животното, по што реагирале надлежните служби. Осомничената е жителка на местото Ромири на Закинтос.
Од локалното Здружение за благосостојба на животните соопштиле дека станува збор за возрасна мачка. Според првичните и засега непотврдени информации, животното било задавено со јаже.
Мотивот за постапката на жената сè уште не е познат, а надлежните продолжуваат да ги утврдуваат околностите под кои мачката била усмртена.
Телото на животното останало кај сопственичката и треба да биде соодветно чувано до спроведувањето на понатамошните постапки. Поради празникот Свети Дионисиј, кој на Закинтос е неработен ден, постапката била одложена за следниот ден.
Истрагата за случајот продолжува.







