ПРВ.мк
Македонија

Студенти, започнува пријавувањето: Еве кој има право на субвенциониран оброк и до кога се аплицира

Студенти, започнува пријавувањето: Еве кој има право на субвенциониран оброк и до кога се аплицира

Од 26 август започнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година, информира Министерството за образование и наука.

Право на финансиската поддршка имаат државјани на Северна Македонија кои се редовни студенти на прв или втор циклус, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети. Дополнителен услов е студентот да нема месечен приход по кој било основ повисок од минималната нето-плата во државата за тековната година.

Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот на МОН. Студентите треба да ги пополнат потребните обрасци, да ги потпишат и да ги приложат кон електронската апликација.

Рокот за пријавување е од 26 до 31 август 2026 година, како за тековните студенти, така и за оние кои ќе се запишат и ќе стекнат студентски статус во академската 2026/2027 година.

Од октомври ќе има дополнителна можност за аплицирање – од 1 до 5 во секој месец. Таа е наменета за студентите кои претходно не го оствариле правото или го изгубиле поради неисполнување на некој од критериумите, а подоцна повторно ги исполниле условите.

Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно и е наменет за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота, а неискористените средства во текот на неделата остануваат достапни до сабота.

Исплатата ќе се реализира преку Шпаркасе банка. Студентите што ќе го добијат правото ќе треба да отворат посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка, без разлика дали претходно биле клиенти на банката.

МОН дополнително ќе ги објави роковите и начинот на подигање на картичките.