Грција започна преместување на ракетен систем „Патриот“ од островот Карпатос кон Крит, во услови на зголемена загриженост поради можни ирански закани кон американските воени објекти во Европа.
Според грчките медиуми, транспортот на батеријата започнал во неделата, а системот треба да биде распореден во близина на воениот објект во Суда на Крит, каде што се наоѓа една од најзначајните американски и НАТО бази во источниот Медитеран.
Одлуката доаѓа по информации дека Иран би можел да го прошири опсегот на можни цели доколку дојде до дополнителна ескалација на конфликтот со САД околу Ормутскиот теснец.
„Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори во Иран, објави дека Техеран разгледува можност неговиот одговор да не биде ограничен само на Блискиот Исток, туку да опфати и американски воени цели во Европа. Меѓу потенцијално чувствителните подрачја се споменуваат Балканот и Медитеранот.
Грчкото Министерство за одбрана засега официјално не го коментирало преместувањето.
Според грчки „Катимерини“, врз одлуката влијаеле и проценките за иранскиот ракетен арсенал. Информациите со кои располагаат сојузниците на Атина укажуваат дека Иран сè уште поседува балистички ракети со дострел поголем од 2.000 километри, што потенцијално им овозможува да достигнат делови од Југоисточна Европа.
Грција и претходно преземаше дополнителни безбедносни мерки во регионот. Батеријата „Патриот“ беше префрлена на Карпатос во март, а по нападот со беспилотни летала врз британската база Акротири на Кипар, беа ангажирани и грчки борбени авиони Ф-16 и фрегата.
Грција има распоредено уште една батерија „Патриот“ во Саудиска Арабија, каде што системот се користи за противвоздушна и противракетна одбрана.







