Полицијата во Охрид уапсила 71-годишен жител на Скопје, откако бил пријавен дека агресивно се однесувал, им се заканувал на повеќе лица, а потоа ги испрскал со запалива течност.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 23 август, а полицијата го привела Б.К. (71) околу 18:30 часот на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид.
На приведувањето му претходела пријава дека во куќа во Охрид тој агресивно се однесувал и упатувал закани кон М.Ј. (28) од Кичево, како и кон други лица кои биле присутни.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога 71-годишникот ги испрскал присутните со запалива течност.
По пријавата интервенирале полициски службеници од СВР Охрид, кои го лишиле од слобода осомничениот.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот против скопјанецот ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 од Кривичниот законик за „предизвикување општа опасност“.







