ПРВ.мк
Спорт

Охрид не го дава тронот: Вардар притисна до крај, но пехарот повторно оди кај „гладијаторите“

Охрид не го дава тронот: Вардар притисна до крај, но пехарот повторно оди кај „гладијаторите“

Ракометарите на Охрид втора година по ред го освоија традиционалниот Струшки ракометен турнир, откако во драматичното финале го совладаа Вардар со минимални 31-30.

Пресметката на двете македонски екипи понуди неизвесност практично до последната секунда. Охриѓани подобро го отворија натпреварот и во најголем дел од првото полувреме ја контролираа играта и резултатот. На паузата заминаа со предност од два гола – 16-14.

Вардар не се откажа. „Црвено-црните“ во продолжението ја засилија одбраната, успеаја да ја стопат негативата и во еден момент да го преземат водството.

Сепак, Охрид остана присебен кога беше најпотребно и во финишот повторно ја презеде контролата. При резултат 31-28 се чинеше дека победникот е решен, но Вардар со два последователни гола стигна до 31-30 и ја врати драмата.

По промашувањето на Талески, вардарци добија уште две секунди за последен обид и можност за израмнување, но времето беше прекратко за сензационален камбек.

Охрид успеа да се одбрани и со конечни 31-30 да го подигне пехарот, со што го повтори успехот од минатата година и го задржа тронот на турнирот во Струга.

Во борбата за третото место, Прилеп беше подобар од домаќинот Струга во уште една неизвесна пресметка која заврши со 30-29.