Микел Артета ги смири навивачите на Арсенал кои се загрижени поради фактот што сè уште нема договорено продолжување на соработката со лондонскиот клуб.
Шпанскиот стратег има договор до крајот на претстојната сезона, но уверува дека неговата иднина на „Емирејтс“ не треба да биде причина за загриженост.
Артета објасни дека во моментов приоритет на клубот се активностите во преодниот рок и дополнителното засилување на составот.
„Фановите не треба да се грижат за тоа, затоа што сакам да бидам тука. Навистина сум среќен во Арсенал. Среќен сум што можам да работам во овој клуб и кога ќе имаме можност, ќе го решиме и тој детаљ“, изјави Артета.
Тој потенцира дека во клубот постојат различни приоритети кои се решаваат еден по еден и дека нема причина да се очекуваат проблеми околу новиот договор.
„Најважната причина што ова прашање сè уште е отворено е затоа што сите гледаат дека сум задоволен и дека новиот договор нема да биде проблем“, додаде Шпанецот.
Артета пристигна во Арсенал во 2019 година и оттогаш стана една од клучните фигури во проектот на лондонскиот клуб. Во моментов тој е и премиерлигашки менаџер со најдолг непрекинат престој во својот актуелен клуб.









