ПРВ.мк
Спорт

МОЌЕН СТАРТ НА ТИКВЕШ: 10 гола и шест бода, денеска оди по трета победа

МОЌЕН СТАРТ НА ТИКВЕШ: 10 гола и шест бода, денеска оди по трета победа

Третото коло во Првата македонска фудбалска лига продолжува денеска со два натпревари – Тиквеш против Шкендија Арачиново и Силекс против Скопје.

Најголемо внимание привлекува дуелот во Кавадарци, каде Тиквеш од 16:30 часот ќе се обиде да ја продолжи одличната серија и да стигне до третата победа во исто толку натпревари.

Кавадарчани по првите две кола се лидери со максимални шест бода и импресивна гол-разлика 10:1. Тимот на Оливер Богатинов одлично ја започна сезоната, но денеска го очекува посериозен тест против Шкендија Арачиново.

Гостите веќе покажаа дека можат да бидат незгоден противник, откако Силекс против нив успеа да освои само еден бод.

Во вториот денешен натпревар, од 16 часот во Кратово, Силекс го пречекува Скопје. Домаќините влегуваат како фаворити, но „пиратите“ во претходното коло против Струга Трим Лум покажаа дека можат да им создадат проблеми и на посилните екипи.

Третото коло започна вчера со минималната победа на Арсими над Башкими од 1:0, а утре на програмата се уште два натпревари – Струга Трим Лум – Вардар и Шкендија – Брегалница.