ПРВ.мк
Балкан

МНОГУ ВИСОК РИЗИК ОД ПОЖАРИ НА ХАЛКИДИКИ: Еве каде туристите не смеат да влегуваат

МНОГУ ВИСОК РИЗИК ОД ПОЖАРИ НА ХАЛКИДИКИ: Еве каде туристите не смеат да влегуваат

Состојбата на Халкидики е смирена по големиот пожар кај Сивири и повеќе нема активен огнен фронт, но опасноста од нови пожари сè уште е висока. Грчката Цивилна заштита го стави целиот Халкидики во категорија 4 – многу висок ризик од пожари, поради што е забранет пристапот до повеќе шумски подрачја.

Забраната важи за пешаци и возила, а за непочитување на мерките е предвидена глоба од 300 евра.

Пожарот кај Сивири зафати околу 350 хектари борова шума и ниска вегетација, а беа оштетени и куќи и автомобили. Во најкритичниот период интервенираа повеќе од 200 пожарникари, десетици возила, противпожарни авиони и хеликоптер.

Каде е забранет пристапот?

На Касандра, првиот крак на Халкидики, ограничувањата се однесуваат на шумската Корифограми, од Касандрино до Агиа Параскеви, како и на шумските подрачја Арапис и Халковуни кај Паљури.

На Ситонија е затворена шумската зона на планинскиот гребен Драгундели, од Пчеларската задруга до Шикија.

Ограничувања има и во општината Аристотелис, како и на планинскиот масив Холомондас.

Важно за туристите е дека мерките не значат затворање на летувалиштата. Никити, Неа Мармарас, Сарти и другите туристички места остануваат достапни, а забраните се однесуваат на конкретни шумски и планински зони.

Висок ризик и во други делови од Северна Грција

Покрај Халкидики и Света Гора, во категорија 4 се ставени и Кавала, Тасос, Ксанти, Родопи, Еврос и Самотраки.

Надлежните служби се во зголемена готовност бидејќи поради временските услови и најмал извор на оган може брзо да предизвика голем пожар.

За македонските туристи засега нема причина да ги менуваат плановите за летување. Плажите, туристичките населби и главните патишта на Халкидики не се опфатени со општата забрана, но властите апелираат строго да се почитуваат ограничувањата и инструкциите на полицијата и Цивилната заштита.