Британската поп-ѕвезда Роби Вилијамс откри дека неодамна дознал дека е аутистичен, откако претходно јавно зборуваше и за тоа дека има АДХД.
Поранешниот член на „Take That“ за ова проговорил за време на сесија со прашања и одговори во Лондон, објаснувајќи дека новото сознание му помогнало подобро да разбере дел од своето однесување и начинот на кој функционира неговиот ум.
Вилијамс зборувал и за искуството со АДХД, посочувајќи дека може исклучително силно да се фокусира на работите што навистина го интересираат, додека концентрацијата на други активности му претставува значително поголем предизвик.
Како една од своите најголеми опсесии ги издвоил креативноста, создавањето слики и смислувањето необични и забавни идеи. Според него, токму креативната работа му помага да го насочи умот подалеку од грижите и наметливите мисли.
Пејачот навел и пример од неодамнешно патување со авион, кога почнал да размислува за целосно нереално сценарио во кое неговите мисли би можеле да влијаат врз авионот. Со тоа сакал да објасни колку интензивни можат да бидат наметливите мисли со кои понекогаш се соочува.
Вилијамс и претходно отворено зборуваше за анксиозноста, депресијата и проблемите со наметливи мисли. Уште во 2024 година, во периодот кога го промовираше биографскиот филм „Better Man“, навести дека се сомнева оти можеби е на аутистичниот спектар.
На професионален план, пејачот продолжува со големи успеси. Неговиот албум „Britpop“, објавен во јануари, стигна до врвот на британската топ-листа, со што Вилијамс постави нов рекорд по бројот на албуми на првото место.
Во меѓувреме, најавени се и големи концерти во Велика Британија и Ирска за следното лето, а термините повторно ги разгореа шпекулациите дека Роби Вилијамс би можел да се појави и на „Гластонбери“ во 2027 година.






