Кевин Дурант официјално стана најплатениот кошаркар на сите времиња, откако постигна договор со Хјустон Рокетс за двегодишно продолжување на соработката во вредност од 90 милиони долари, објави добро информираниот НБА инсајдер Шамс Чаранија.
Иако имал право на максимален договор од 120 милиони долари, Дурант свесно се откажал од околу 30 милиони, со цел да му овозможи на тимот поголема финансиска флексибилност и простор за ангажирање засилувања. Според ESPN, овој потег јасно покажува дека Дурант размислува долгорочно и е посветен на тоа да изгради шампионски тим во Хјустон, каде што пристигна летово од редовите на Финикс Санс.
Новиот договор вклучува и играчка опција за сезоната 2027/28, што остава можност тој да ја заврши кариерата токму во Хјустон, клубот каде што очигледно повторно ја пронајде мотивацијата.
Со ова продолжување, вкупната заработка на Дурант достигнува неверојатни 598,2 милиони долари, вклучувајќи ги активните и веќе потпишаните идни договори. Со тоа, тој ја надмина досегашната рекордна бројка на Леброн Џејмс, кој има заработено 583,9 милиони долари во кариерата.
Дурант моментално има уште три години од договорот вреден 144,7 милиони долари, потпишан претходно, а новата зделка само го зацврстува неговиот статус како еден од највлијателните и највредните играчи во историјата на лигата.
Кариерата на Дурант започна во 2007 година, кога беше избран како втор пик на драфтот од Сиетл Суперсоникс. По првата сезона, тимот се пресели во Оклахома и стана Тандер, каде што Дурант остана до 2016 година. Потоа премина во Голден Стејт Вориорс, каде што освои две титули во три сезони, пред да се повреди и да замине во Бруклин Нетс. Таму помина четири сезони, а потоа следеше краток престој во Финикс, пред да биде трејдуван во Хјустон на крајот од минатата сезона.
Денес, на 37-годишна возраст, Дурант покажува дека и понатаму е елитен играч и најавува дека ќе игра барем до својата 40-та година, со што не само што ќе ја продолжи својата легендарна кариера, туку и ќе има можност да гради сопствено наследство во дресот на Рокетс.
