Претседателот на привремената Комисија за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, изјави дека изборниот ден досега се одвивал генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес.
Според информациите од сите јавни обвинителства низ државата, евидентирани се неколку случаи кои се предмет на натамошна постапка:
- Во Гостивар е отворен предмет по пријава дека две лица фотографирале гласачи од возило. Лицата се приведени.
- Во Скопје е пријавен случај на фотографирање на гласач. Случајот се проверува.
- Во село Бучим, Струмичко, едно лице било забележано со две гласачки ливчиња. Лицето засега е недостапно за органите.
Бајрами истакна дека бројот на пријави е мал и не укажува на системски нарушувања. Според него, досегашната проценка е дека нема кривични дела од областа на изборниот процес во поголем обем.
Тој апелираше до граѓаните сите сомнежи да ги пријавуваат до Јавното обвинителство, напоменувајќи дека Комисијата продолжува да работи со зголемен интензитет и во координација со надлежните институции.