Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, најави дека ChatGPT, нивната главна платформа за вештачка интелигенција, наскоро ќе биде достапен во поопуштена и пофлексибилна верзија. Оваа нова верзија ќе им овозможи на корисниците поголема персонализација на разговорот, вклучително и можност за водење еротски дијалози со возрасни лица.
Според Алтман, во изминатиот период ChatGPT бил прилично ограничен, бидејќи компанијата се фокусирала на заштита на менталното здравје на корисниците и спречување на потенцијални негативни последици од користењето на алатката.
– Успеавме да ги намалиме сериозните ризици и да развиеме нови безбедносни механизми, кои ни дозволуваат да ги олесниме ограничувањата во повеќето ситуации, – истакна тој.
Надградбата, која ќе биде достапна во следните неколку недели, ќе овозможи корисниците да избираат стил на комуникација со ChatGPT – од многу емотивен и „човечки“ пристап, преку неформален и полн со емотикони, па дури и до пријателски, лесен тон на разговор.
Покрај тоа, во декември OpenAI ќе воведе систем за верификација на возраста, со што ќе им се овозможи пристап до дополнителни функции наменети исклучиво за возрасни корисници, како што објави технолошкиот портал The Verge.
Една од најзначајните новини ќе биде и официјалната поддршка за еротски разговори со ChatGPT, што ќе претставува прв пат ваков вид содржина да биде интегрирана во платформата на OpenAI.