Израелската армија соопшти дека и покрај интензивните воздушни напади во Појасот Газа, примирјето со Хамас, посредувано од американскиот претседател Доналд Трамп, сè уште е на сила.
Во текот на последните 24 часа, Израел погодил десетици цели на Хамас, вклучувајќи команданти на терен, тунели и складишта за оружје. Палестинската цивилна одбрана соопшти дека најмалку 33 лица се убиени во нападите.
Израелските одбранбени сили (IDF) потврдија дека двајца нивни војници загинале во борбите во јужниот дел на енклавата, а уште еден е тешко повреден. Според нив, група палестински борци излегле од подземен тунел кај градот Рафа и испукале противтенковски проектил кон израелско воено возило. Неколку часа подоцна, војник бил застрелан во истата област.
Како одговор, Израел денеска ги засили воздушните напади и објави дека ја суспендира испораката на хуманитарна помош за Газа. Израелски безбедносен претставник рече дека оваа одлука била донесена по „јасното кршење на примирјето“ од страна на Хамас.
Сепак, под притисок од САД, израелските медиуми јавуваат дека испораките на помош најверојатно ќе продолжат веќе утре.
Примирјето, кое стапи на сила на 10 октомври, е под закана поради обновените тензии и меѓусебни обвинувања за негово кршење.