Во последните недели, мистериозни дронови го нарушија воздушниот простор во неколку европски земји, предизвикувајќи затворање на аеродроми и откажување на бројни летови. Иако нема официјална потврда кој стои зад овие инциденти, сомнежите се насочуваат кон Русија, која негира каква било вмешаност, додека истражителите продолжуваат со собирање докази.
Надзорната служба Enigma регистрирала најмалку 18 сомнителни дронови во Данска, Шведска, Норвешка и Германија, многу од нив оперирале во близина на аеродромите. Особено се засилени упадите кај аеродромите Гатвик и Хитроу во Велика Британија.
Овие сè почести инциденти го отворија прашањето за ранливоста на европската воздушна безбедност и укажуваат на потребата од брза имплементација на заштитни протоколи, кои вклучуваат континуирано следење, проверка на фреквенции и електронско ометување на дроновите.
Експертите предупредуваат дека обидите за физичко уништување на дроновите, како користење на ласери или ракети, се особено ризични во цивилниот воздушен простор, бидејќи може да предизвикаат дополнителна штета на авиони и инфраструктура.
Германската влада веќе предложи закон со кој полицијата би добила овластување да обара и неутрализира дронови при потреба, додека паралелно се развиваат нови технологии за откривање и контрола на беспилотни летала.
Стручњаците очекуваат дека упадите на дронови ќе станат сè почести низ Европа, а ранливи не се само аеродромите, туку и пристаништата, нуклеарните постројки и затворите. Настаните ги потенцираа потребата за поголема координација и унапредување на противмерките во сите засегнати сектори.