Фудбалскиот свет е во шок по трагедијата што се случи во Казахстан, каде што младиот фудбалер Диас Толеу (19) од тимот Хан-Тянгри трагично го загуби животот за време на натпревар од Втората лига против екипата Екибастуз.
Настанот се одиграл на 16 октомври 2025 година, кога во текот на 64. минута од мечот Диас одеднаш се почувствувал лошо и паднал на теренот. Според сведоци, сè започнало по еден судир со противнички играч, по што Толеу се пожалил на болка во ногата. Неговиот соиграч се обидел да му помогне, но кога состојбата се влошила, веднаш била повикана медицинската екипа.
Лекарите реагирале веднаш и го изнесле фудбалерот на носилки, по што бил префрлен во најблиската болница. И покрај сите напори на медицинскиот тим, младата надеж на казахстанскиот фудбал не успеала да биде спасена.
Клубот „Хан-Тянгри“ објави потресно соопштение на својата официјална страница: „Инцидентот се случи за време на натпреварот. Итната помош беше присутна на стадионот и веднаш интервенираше. Играчот доби прва медицинска помош и беше транспортиран во болница, но, за жал, и покрај сите обиди, неговиот живот не можеше да се спаси. Во име на клубот, изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство, пријатели и соиграчи. Неговото сеќавање ќе остане засекогаш во нашите срца.“
Оваа трагедија го потресе целиот спортски свет и повторно ја потсети јавноста на опасностите со кои се соочуваат младите спортисти, дури и кога се во најдобра физичка форма.