ПРВ.мк
Македонија

Македонија влегува во изборен молк пред гласањето

Македонија влегува во изборен молк пред гласањето

По три недели кампања, заврши изборната трка за Локалните избори 2025 и вечерва на полноќ започна изборниот молк кој ќе трае до затворањето на избирачките места во недела, 19 октомври, во 19 часот.

Во текот на молкот, медиумите смеат да известуваат само за текот на изборниот процес, но строго е забрането секое директно или прикриено промовирање на кандидати, партии или коалиции. Според Изборниот законик, прекршување на ова правило се смета секоја содржина што може да влијае врз изборната одлука на гласачите.

Овие локални избори се осми по ред од независноста на државата и четврти на кои ќе се избираат градоначалници и советнички листи во сите 80 општини и во Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за советници, односно вкупно 10.490 кандидати.

Во трката учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 независни групи на граѓани. Најголема конкуренција има за градоначалничката позиција во Скопје, каде што се пријавени 16 кандидати.

Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои над 1,7 милиони гласаат во земјата. Покрај нив, во избирачкиот список се вклучени и гласачи на привремена работа во странство, затвореници и лица сместени во старски домови.

Првите гласачи денеска се 8.851 болни и немоќни лица, затвореници и лица во старски домови, кои ќе гласаат во своите објекти под надзор на избирачките одбори.

Во недела гласањето ќе започне во 7:00 часот и ќе трае до 19:00 часот. Се гласа тајно, а идентификацијата повторно ќе се врши со биометриски уреди – таканаречени „фингерпринт“ апарати, воведени првпат на локалните избори во 2021 година.

Првичните резултати Државната изборна комисија ќе ги објавува по електронски пат веднаш по затворањето на гласањето, додека конечните податоци од општинските изборни комисии ќе бидат познати најдоцна 12 часа по завршувањето на изборниот ден.

Неделата носи ново политичко соочување на локално ниво — граѓаните ќе ја имаат последната и најважна збор во одлучувањето кој ќе ја води нивната општина во следните четири години.

Escape