Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Појасот Газа, со што вкупниот број на вратени тела се искачи на 135, соопшти Министерството за здравство на Газа, која е под контрола на Хамас.
Враќањето е дел од специфичен договор за прекин на огнот, постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, според кој Израел се обврза да враќа по 15 тела на Палестинци за секој израелски заложник чие тело се враќа од Газа.
Израелската страна, пак, инсистира дека Хамас мора да ги врати останките од преостанатите 18 убиени израелски заложници, кои сè уште се наоѓаат во Газа. Портпаролот на канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху нагласи дека „договорот мора да се испочитува до крај“.
Меѓу враќањата е и телото на Елијаху Маргалит (75), чие исчезнување датира од нападот на 7 октомври 2023, кога беше киднапиран од кибуцот Нир Оз. Неговата смрт беше потврдена од израелската армија уште во декември истата година, а телото било вратено во Израел синоќа.
Нови тензии – цивилни жртви и покрај примирјето
Иако договорот за прекин на огнот е на сила, Цивилната одбрана на Газа денеска соопшти дека пронашла останки на девет убиени лица, кои, според тврдењата на организацијата, биле жртви на израелски напад врз автобус со раселени лица во населбата Зејтун, источен дел на Газа.
Портпаролот Махмуд Басал изјави дека нападот се случил вчера, а телата биле пронајдени во координација со Меѓународниот Црвен крст.
Израелската армија (ИДФ) соопшти дека открила сомнително возило кое ја преминало договорената линија на повлекување. По предупредувањето, бил отворен оган во согласност со правилата за ангажман, тврди Ерусалим.