Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, како претставник на општината која е доминантен сопственик на ГФК Тиквеш, излезе со соопштение до јавноста во кое се осврна на состојбите поврзани со клубот и односите со Фудбалската федерација на Македонија.
Јанчев истакна дека во изминатите години ГФК Тиквеш бележи значајни спортски резултати, меѓу кои влез во Првата македонска фудбалска лига, опстанок во елитното друштво, настап на европска сцена, како и враќање на фудбалскиот дух во Кавадарци.
Во соопштението, тој најостро ги осуди нападите и навредите упатени кон ФФМ и клубот, нагласувајќи дека ниту една политичка партија или функционер нема влијание врз работењето на ФФМ, ниту врз спортските клубови, вклучително и ГФК Тиквеш 1930 Кавадарци.
Јанчев посочи дека релациите меѓу ФФМ, ГФК Тиквеш и него како градоначалник се професионални и коректни, а соработката со претседателот на ФФМ, Масер Омерагиќ, досега се одвивала без недоразбирања и исклучиво во интерес на фудбалот.
Како доминантен сопственик, заедно со останатите акционери, најави дека ќе биде разгледана потребата и можноста за промени во стручниот штаб, но и во управата на клубот.
Во завршницата од соопштението, Јанчев порача дека ГФК Тиквеш ќе продолжи да ги претставува боите на клубот и градот чесно, транспарентно и достоинствено, пред својата кавадаречка публика, со цел нови спортски успеси.








