Триесет и двегодишен жител на Скопје се бори за живот откако доживеал силен струен удар додека извршувал работни задачи во Куманово.
Инцидентот бил пријавен вчера попладне. Според информациите од полицијата, несреќата се случила на улица „100“, во дворно место во сопственост на кумановецот Д.Н.
„Во 16:50 часот во СВР Куманово било пријавено од лекар од Итна медицинска помош дека кај нив бил донесен повредениот Б.К. (32) од Скопје. Тој се здобил со повредите додека работел во дворно место“, информираат од СВР Куманово.
По укажаната прва помош во локалните здравствени установи, поради сериозноста на повредите, тој е префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му се укажува понатамошен третман.
На местото на настанот е извршен увид, а во истрагата се вклучени и надлежни институции. За случајот е известен јавен обвинител, како и инспектор од Државниот инспекторат за труд, кој треба да утврди дали биле почитувани мерките за безбедност при работа.








