Со цел да ги потсетат граѓаните на опасностите од возење под дејство на алкохол, Министерството за внатрешни работи, ОКТА и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) организираа заедничка превентивна активност во рамки на кампањата „Јас внимавам“.

Настанот се одржа вчера на бензинската станица на ОКТА во скопски Карпош, каде што посетителите преку интерактивни содржини имаа можност одблизу да го почувствуваат влијанието што го има алкохолот врз човечките способности.
Најголемо внимание привлекоа специјалните очила кои го симулираат дејството на алкохолот. Учесниците со нив изведуваа едноставни движења и непосредно се уверија колку може да бидат нарушени перцепцијата, координацијата и способноста за правилно проценување на ситуациите. На овој начин беа прикажани и ризиците со кои се соочуваат возачите кога седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.

Во рамки на активноста, граѓаните имаа можност да разговараат со претставници на МВР и РСБСП за важноста од одговорно учество во сообраќајот, почитување на правилата и личен придонес во спречувањето на сообраќајните незгоди.

Настанот беше дополнет со подароци за посетителите и музичка програма, преку кои дополнително беше привлечено вниманието кон пораките на кампањата.
Организаторите нагласуваат дека безбедноста во сообраќајот започнува од личната одговорност на секој поединец. Преку ваквите превентивни активности се настојува да се подигне свеста за опасностите на патиштата и да се испрати јасна порака дека и еден момент на невнимание може да предизвика сериозни последици.

„Јас внимавам“ – внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите!











