Четири мигранти се пронајдени мртви во местото Доње Прилишќе кај Нетретиќ во Хрватска, додека две лица во тешка состојба се пренесени во болница. Полицијата се сомнева дека биле превезувани во нехумани услови и интензивно трага по возачот кој избегал од местото.
Дојавата за случајот била примена по 22:30 часот, по што полициските екипи веднаш излегле на терен. На локацијата затекнале поголем број странски државјани.
Во близина на местото на настанот, во реонот на поранешниот граничен премин со Словенија, биле пронајдени уште 12 мигранти. Вкупно 13 лица се пренесени во Центарот за регистрација на баратели на меѓународна заштита „Дуги Дол“.
Според досегашните информации, мигрантите биле донесени со товарно возило од непознат возач, кој по нивното истоварување избегал. Преживеаните изјавиле дека за време на транспортот биле изложени на нехумани услови.
На местото на настанот е извршен увид под раководство на жупаниска државна обвинителка, а полицијата работи на расчистување на случајот. Се истражуваат сомнежи за кривични дела поврзани со незаконско превезување мигранти и доведување во опасност на живот.
Телата на починатите ќе бидат подложени на обдукција за да се утврди точната причина за смртта, како и нивниот идентитет.









