ПРВ.мк
Спорт

ГОЛЕМ САЈБЕР-НАПАД ВРЗ ФИФА: Наводно украдени повеќе од 12 гигабајти доверливи документи

ГОЛЕМ САЈБЕР-НАПАД ВРЗ ФИФА: Наводно украдени повеќе од 12 гигабајти доверливи документи

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) стана жртва на криминален сајбер-напад, при кој хакери успеале да дојдат до доверливи лични и деловни податоци, објави Ројтерс.

Нападот го потврди и самата светска фудбалска организација, која соопшти дека тесно соработува со надлежните институции и органите за спроведување на законот.

Според достапните информации, хакерите дошле до доверливите податоци преку измама на вработените во организацијата, а не преку технички пропуст во системот.

Од ФИФА остро го осудија незаконското прибавување и објавување информации, предупредувајќи дека ваквите постапки претставуваат сериозно нарушување на приватноста и можат да имаат значителни последици за засегнатите лица.

Наводно украдени повеќе од 12 гигабајти документи

Одговорноста за нападот наводно ја презела хакерската група „Handsome Boy Hacking Club“, која на социјалната мрежа Икс објавила материјали за кои тврди дека се интерни документи на ФИФА.

Според неофицијални информации, украдени биле повеќе од 12 гигабајти доверливи документи. Извор запознаен со случајот тврди дека компромитираните информации претставуваат помалку од 0,1 процент од вкупните податоци со кои располага организацијата.

ФИФА засега не соопштува колку лица се засегнати, ниту каква е точната содржина на украдените документи.

Безбедносниот инцидент доаѓа во чувствителен период за организацијата и нејзиниот претседател Џани Инфантино, кој се подготвува за претседателските избори закажани за 18 март, на кои ќе се обиде да обезбеди нов мандат до 2031 година.