ПРВ.мк
Свет

КИНА ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА: На граѓаните им ги проверуваат телефоните, а на некои им забрануваат да ја напуштат земјата

КИНА ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА: На граѓаните им ги проверуваат телефоните, а на некои им забрануваат да ја напуштат земјата

Кина го олеснува влезот за странските туристи и деловни посетители, но истовремено ги заострува контролите при напуштање на земјата, особено за сопствените граѓани.

Пекинг овозможи безвизен влез за државјани на педесетина земји, ги поедностави процедурите за влез и го продолжи дозволениот престој за одредени категории посетители.

Сепак, во трката со САД за технолошка доминација и развој на вештачката интелигенција, кинеските власти настојуваат да ги задржат клучните експерти и чувствителната технологија во земјата.

Забрана за напуштање на земјата до три години

Новите прописи, кои стапиле во сила во септември, им овозможуваат на властите под одредени услови да им забранат на кинеските државјани да ја напуштат земјата во период до три години.

Граничните службеници можат да бараат дополнителни документи и електронски податоци за да ја проверат целта на патувањето.

Дваесетгодишна студентка за „Вашингтон пост“ раскажала дека на аеродромот во Нанџинг службеник ѝ го зел мобилниот телефон и ги прочитал пораките со нејзините родители за да провери дали навистина патува на концерт во Јужна Кореја.

Според медиумските извештаи, дел од вработените во државниот сектор мора да ги предадат своите пасоши и да бараат дозвола дури и за приватни патувања.

Кинеските власти се повикуваат на националната безбедност

Пекинг ги оправдува мерките со заштитата на националната безбедност и државните интереси, додека дел од експертите предупредуваат дека нивната примена може да ја ограничи слободата на движење.

И покрај построгите контроли, официјалните податоци покажуваат дека од јули до септември патувањата на кинеските граѓани во странство се зголемиле за 7,5 проценти, додека бројот на пристигнувања на странски посетители пораснал за 15,6 проценти.