ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) ПОТОНА ТАНКЕР СО 7.000 ТОНИ ДИЗЕЛ: Се стравува од сериозни последици за животната средина

(ВИДЕО) ПОТОНА ТАНКЕР СО 7.000 ТОНИ ДИЗЕЛ: Се стравува од сериозни последици за животната средина

Танкер кој превезувал околу 7.000 тони дизел потона во Средоземното Море, во близина на шпанскиот остров Ибица, предизвикувајќи загриженост поради можноста за сериозна еколошка катастрофа.

Во несреќата загина еден член на екипажот, додека шестмина се здобиле со полесни повреди.

Танкерот „Мед Емре“, кој пловел под малтешко знаме, имал вкупно 17 членови на екипажот. Сите биле извлечени од спасувачките служби, но седуммина биле пренесени во болница, каде што еден од нив подоцна починал.

Бродот потонал на околу 46 километри од брегот на Ибица, а причината за несреќата сè уште не е позната.

Страв од излевање на илјадници тони гориво

Шпанските власти започнаа опсежни проверки со помош на авиони и специјализиран брод за спречување на морското загадување.

Претседателката на Балеарските Острови, Марга Проенс, соопшти дека засега има многу малку информации за евентуалното излевање на горивото.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што морското подрачје околу Ибица од 1999 година е дел од светското наследство на УНЕСКО.

Во ова подрачје се наоѓаат подводни ливади од посидонија, морско растение карактеристично за Средоземното Море, кое има клучна улога во зачувувањето на морскиот биодиверзитет.

Надлежните служби продолжуваат со процената на потенцијалните последици за животната средина. Засега не е потврдено дали дошло до излевање на дизелот од потонатиот танкер.


Видео: