Британското Министерство за одбрана испратило писма до околу 100.000 воени ветерани, со цел да ја зголеми подготвеноста на стратешката резерва во случај на евентуален воен конфликт, објави британскиот весник „Телеграф“.
Според весникот, ваква иницијатива се спроведува првпат по Студената војна, а на резервистите им се нуди можност за доброволно учество во воени обуки и вежби на НАТО.
Од поранешните припадници на вооружените сили се бара да ги ажурираат своите контактни податоци и да достават информации за нивните сегашни професии, способности и вештини.
Британската копнена војска брои околу 73.000 активни војници
Мерката доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Русија и НАТО, како и загриженост за одбранбените капацитети на Велика Британија.
Според „Телеграф“, британската копнена војска моментално е најмалобројна уште од времето на Наполеоновите војни.
Стратешката резерва ја сочинуваат поранешни припадници на вооружените сили кои имаат законска обврска да се вратат во служба во исклучителни околности.
Властите не најавуваат мобилизација
Британското Министерство за одбрана ја опишува иницијативата како практична мерка за зајакнување на воената подготвеност и одвраќање од потенцијални напади.
Министерот за ветерани Калвин Бејли нагласил дека испраќањето на писмата не значи дека претстои мобилизација на резервистите, туку дека државата сака да располага со ажурирана евиденција за нивните способности и искуство.
Според објавените информации, станува збор за превентивна мерка, а не за официјална наредба за мобилизација или непосредно вклучување во воен конфликт.






