Едно лице е приведено во рамките на истрагата за убиството на 38-годишниот маж од скопското село Љубин, чие тело беше пронајдено кај Смилковско Езеро.
Според првичните информации, приведеното лице се сомничи за вмешаност во убиството што се случи на 21 ноември.
Телото на 38-годишниот маж било пронајдено од случаен минувач во раните утрински часови. Според резултатите од обдукцијата, мажот починал како последица на обилно крвавење предизвикано од прострелна рана.
Анализирани и снимките од „Безбеден град“
Во рамките на истрагата, надлежните служби анализирале снимки од безбедносните камери, вклучително и од системот „Безбеден град“, со цел да ги утврдат околностите што му претходеле на убиството.
Засега не се познати мотивот за убиството, идентитетот на приведеното лице, ниту неговата евентуална поврзаност со жртвата.
Од Министерството за внатрешни работи сè уште нема официјално соопштение за приведувањето.







