Веста за смртта на поранешниот шведски фудбалер Кен Фагерберг, кој почина на само 37 години, ја потресе европската фудбалска јавност. Неговиот татко го пронашол мртов во кревет на Фарските Острови, а официјалната причина за смртта сè уште не е објавена.
Поранешниот младински репрезентативец на Хрватска, Кристијан Ипша, кој три години ја делел соблекувалната со Фагерберг во данскиот Митјиланд, останал шокиран од трагичната вест.
„Шокиран сум, како и сите. Каква трагедија“, изјави Ипша за „Спортске новости“.
Тој се присети на заедничките денови во Данска, опишувајќи го Швеѓанецот како исклучително добродушен, насмеан и забавен човек, кој секогаш бил подготвен да им помогне на другите.
„Велат дека во последно време објавувал чудни видеа на Фејсбук. Морам да кажам дека беше феноменално момче“, истакна Ипша.
Од голем фудбалски талент до трагичен крај
Фагерберг важеше за еден од најперспективните шведски фудбалери. На само 19 години, Митјиланд го ангажирал за 10 милиони дански круни, со што станал најскапиот тинејџер во историјата на данската лига во тоа време.
Сепак, неговата кариера не се развила според големите очекувања. До крајот на животот настапувал за клубови од северна Европа, а се испробал и во улога на играч-тренер.
Ипша се осврна и на информациите за проблемите на Фагерберг со алкохолот и дрогата, нагласувајќи дека во периодот кога играле заедно не забележал такви проблеми и дека не сака да шпекулира за причините за неговата смрт.
Официјалната причина за смртта на фудбалерот останува непозната.










