Тажна вест го потресе македонскиот фудбал. На 45-годишна возраст ненадејно почина поранешниот македонски репрезентативец Агрон Мемеди, кој беше дел од стручниот штаб на тетовска Шкендија.
Според првичните информации, на Мемеди му се слошило за време на денешниот тренинг на тимот, по што колабирал.
И покрај обидите да му биде укажана помош, тој починал на пат кон тетовската болница.
Мемеди беше долгогодишен фудбалски работник, кој остави значаен белег во македонскиот фудбал, особено во тетовскиот регион.
Како фудбалер настапуваше за Шкендија, Ренова и Металург, а во својата играчка кариера забележа и еден настап за македонската репрезентација.
Со Ренова ја освои шампионската титула во сезоната 2009/2010, како и Купот на Македонија во 2011 година.
По завршувањето на играчката кариера се посвети на тренерската работа.
Беше дел од младинската школа на Шкендија, каде што работеше со младите фудбалски таленти, а во август годинава стана дел од стручниот штаб на првиот тим.
Неговата ненадејна смрт претставува голема загуба за Шкендија и за македонската фудбалска јавност.
Причината за ненадејното влошување на неговата здравствена состојба засега не е официјално соопштена.










