Големиот скандал што го потресе светот на боречките спортови доби судска завршница, откако судот во Абу Даби осуди десет лица поради масовната тепачка во која беа вмешани познатите ММА борци Мераб Двалишвили, Усман Нурмагомедов и нивни соработници.
Според информациите објавени од „The National“, осум лица добиле затворски казни од по шест месеци, додека вкупните парични казни изнесуваат околу 616.000 евра.
Шестмина осудени добиле по шест месеци затвор и парична казна од приближно 74.000 евра по лице, поради нарушување на јавната безбедност, предизвикување паника и загрозување човечки животи.
По издржувањето на казните, тие ќе бидат депортирани од Обединетите Арапски Емирати.
Особено внимание привлече одлуката на судот да казни и две лица кои ја снимале тепачката и ги објавиле снимките на интернет.
И тие добиле по шест месеци затвор, парични казни од околу 74.000 евра и наредба за депортација, додека нивните мобилни телефони ќе бидат одземени.
Уште две лица се казнети со по околу 12.300 евра, без затворски казни.
Инцидентот се случил во луксузниот хотел „Yas Hilton“ во Абу Даби, каде што Двалишвили давал интервју пред боречка манифестација.
Според неговото сведоштво, Усман Нурмагомедов и неговите соработници му пришле одзади, по што започнала физичка пресметка.
Двалишвили тврдел дека бил нападнат и удиран додека обезбедувањето го задржувало.
По инцидентот, грузискиот борец бил приведен, но подоцна бил пуштен на слобода.
Сепак, во официјалното судско соопштение не се наведени имињата на осудените, па засега не е познато дали меѓу нив се и Двалишвили, Нурмагомедов или нивните соработници.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено поради строгите затворски и парични казни, вклучително и за лицата кои ја снимале и објавиле пресметката.










