Нови информации за наводните руски барања во мировните преговори за Украина предизвикаа реакции во Европа, откако германскиот весник „Билд“ објави дека Москва предложила радикални промени во европската безбедносна архитектура.
Според германскиот медиум, руски претставници за време на неформалните разговори во Абу Даби наводно побарале Финска да излезе од НАТО, а Алијансата да не воспоставува воени бази во Естонија, Латвија и Литванија.
Предлогот, како што се наведува, потекнува од кругови блиски до рускиот претседател Владимир Путин, но засега не е потврдено дали тој лично го одобрил.
Планот предвидувал Русија да ги задржи окупираните украински територии и да добие контрола врз целиот Донбас, вклучително и деловите што сè уште се под украинска контрола.
Од Украина наводно се бара трајно да се откаже од членството во НАТО, додека можноста за нејзино приклучување кон Европската Унија би останала отворена.
Дополнително, се споменува демилитаризација на пристаништата Одеса и Миколаив, како и посебни договори за слободна пловидба во Црното и Балтичкото Море.
Предлогот наводно се однесува и на Молдавија, која би требало да се трансформира во федерална држава.
За возврат, Москва наводно нуди повлекување на руското нуклеарно оружје од Белорусија и откажување од распоредување ракети со среден дострел.
Сепак, Кремљ категорично ги демантираше информациите дека побарал Финска да го напушти НАТО.
„Не, таков предлог не е изнесен. За тоа воопшто не се разговарало“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Остро реагираше и финскиот министер за одбрана Анти Хаканен, кој порача дека членството на Финска во НАТО не може да биде предмет на преговори со Русија.
Засега нема независна потврда за сите детали од наводниот документ, ниту доказ дека станува збор за официјално усвоена руска преговарачка позиција.








